Македонија 03. февруари 2021. / 08:06

Пендаровски предлага пописот да се одржи во мај или во јуни: Бојкотот може да нанесе само штета

Пендаровски предлага пописот да се одржи во мај или во јуни: Бојкотот може да нанесе само штета

Власта со став дека пописот на населението, домаќинствата и становите што треба да се спроведе во април годинава, ќе ги даде сите потребни одговори за обезбедување квалитетни статистички податоци, клучни за градење стратегии и политики и за успешен и предвидлив развој на државата.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, синоќа изјави дека може да се направи компромис за пописот и двете спротивставени политички опции да си подадат рака – власта да се согласи пописот да се спроведе во мај или во јуни, а опозицијата да не го бојкотира. Опозицијата, пак, од денеска собира потписи за поништување на Законот за попис.

Од Владата вчера исто така потсетија дека пописот не е и не смее да биде политичка операција, туку независна статистичка операција, организирана согласно стандардите не ОН и според правилата на Евростат, статистичка операција која ни недостига речиси 20 години.

– Пописот годинава ќе се спроведе со значително помалку средства споредено со последниот неуспешен обид за попис, поевтино од што се предлагаше, а се спроведува со најмодерните алатки и технологии. Пописот е задолжителна активност и законска обврска за сите лица и домаќинства, соопшти Владата.

Оттаму потсетуваат дека Поглавјето статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите со ЕУ, и оти со учеството во пописот секој граѓанин ќе даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Посочија дека методологијата и темите на пописот се дефинирани од страна на меѓународните статистички тела и се рефлектираат и во законодавството на ЕУ.

Нагласуваат дека пописот 2021 првпат дава можност да се попишат и нашите граѓани и нивните домаќинства во странство, што ќе овозможи давање приказ на миграциските движења, што е добра основа за градење стратегии и политики за успешно запирање на овој процес.

Претседателот Пендаровски, пак, смета дека може да се направи компромис за пописот и двете спротивставени политички опции да си подадат рака – власта да се согласи пописот да се спроведе во мај или во јуни, а опозицијата да не го бојкотира.

-Со ова се обидувам да направам мост меѓу двете политички опции. Тврдам дека политичката поларизација ја уназадува нашата држава повеќе од се друго. Проблем ли е да ги повикаш твоите да не прават бојкот или пописот да биде во мај или јуни. Да си подадеме рака. Не гледам причина зошто пописот да не се одложи за месец или два. Сосема легитимни се барањата од аспект на здравството. Ако сме чекале 20 години, нема да е грев да биде во мај или јуни, но да го направиме за да нема воопшто страв кај граѓаните поради ковидот, рече Пендаровски.

Бојкотот на пописот, оцени Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ може само да и нанесе повеќе штета. Според него, поиздржано би било да не се признаат резултатите, отколку да се бојкотира процесот.

За шефот на државата небулозни се обвинувањата дека Заев и Ахмети договориле штелувани резултати на пописот за да има 32 отсто Албанци во државата. Пописот, според него, е најдобро да се одржи по класичниот метод, од куќа до куќа, но добро е да биде засилен и со новите методологии.

Во несогласувањето и критиките околу врзаниот потпис, тој препознава нечија скриена политичка агенда. „Фамозниот двоен потпис“, оценува претседателот, има политичка логика која произлегува од 2001 година, од Рамковниот договор. Тој е дециден дека двојниот потпис е раритет во Европа, но и Рамковниот договор, нагласува, е раритет.

-Очигледно некој има скриена агенда што не сака да ја соопшти и тука всушност се случува политизацијата на пописот. Сметам дека од повикот на бојкот ќе има штета онаа етничка заедница за која се залагаш, а можно е на крај на пописот некои политички субјекти да кажат дека не ги признаваат резултатите, тоа е легитимно. Со бојкотот ќе се направи голема политичка штета, нема да добиеш ништо, туку ќе изгубиш, потенцира претседателот, но сепак признава дека имало неколку издржани решенија од опозицијата во однос на Законот за попис кои не биле прифатени од власта.

ВМРО-ДПМНЕ од денеска почнува со собирање потписи за поништување на Законот за попис.

Законот за попис беше усвоен на 21 јануари со којшто се предвидува најголемата статистичка операција да се одржи од 1 до 20 април годинава.