Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Слободна Европа вели дека се залага за помирување, а на забелешките на ВМРО-ДПМНЕ дека помирувањето го сфаќа како амнестија за премиерот Заев и неговите, вели дека нема намера да го амнестира Заев или неговите блиски, ако сториле криминал.
Пендаровски вели и дека со изјавата за Гоце Делчев ја засилил македонската преговарачка позиција.
Во врска со процесот на помирување, Пендаровски рече дека тоа е процес кој многу држави во светот се обиделе да го направат и не успеале, затоа што е долг, тежок, мачен и во него задолжително мора да учествуваат многу политички субјекти и други општествени чинители.
–Во држава како што е Македонија која е многу комплекса од различни причини и во етничка и во културолошка и во цивилизациска и во јазична смисла, но и во политичка смисла, каде разликите се толку длабоки, особено продлабочени изминатава деценија, навистина е тешко да очекуваме дека само една изјава и само еден говор на кого било, па еве и на претседателот на државата, може да направи промени преку ноќ – рече Пендаровски за Радио Слободна Европа.
На прашањето која е неговата перцепција и дали ќе добиеме датум за преговори во октомври, претседателот рече дека од најрелевантни места добил уверувања дека одлагањето во Германија е од чисто технички причини и дека нема политички причини во позадината, како што имаше шпекулации и кај нас и во дел од меѓународниот печат, односно медиуми.
–Информациите кои до овој момент ги имам е дека во моментов не постои ниту една европска држава, ниту една земја членка на ЕУ, ниту една европска влада која има став дека Република Северна Македонија не треба да почне со преговори до крајот на годината – рече претседателот Пендаровски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.