Македонија 03. декември 2020. / 15:40

Пендаровски: Покрај мерките на институциите, потребна е и поголема индивидуална одговорност

Пендаровски: Покрај мерките на институциите, потребна е и поголема индивидуална одговорност

Под мотото „Да градиме подобра поддршка: за лицата со попреченост – инклузивен, пристапен и одржлив свет пост Ковид-19“ денеска во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ беше одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

На одбележувањето присуствуваше и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој во оваа прилика посочи дека покрај мерките на институциите коишто се најважни во моментов, потребна е и поголема индивидуална одговорност.

Претседателот на Националниот Совет на инвалидски организации и претседател на Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Томица Стојановски во своето обраќање истакна дека одбележувањето на 3 Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост започна во 1992 година, со резолуција број 47/3 донесена на Генералното Собрание на Обединети Нации.

– Активностите за одбележување на овој ден имаат за цел да го промовираат разбирањето за проблемите на лицата со инвалидност и да мобилизираат поддршка за достоинство, правда, и благосостојба на овие лица, рече Стојановски.

Одбележувањето на денот, како што посочи тој, нуди можност да се поттикнат промени во ставовите кон лицата со инвалидност и да се отстранат бариерите за нивно целосно учество во сите аспекти на животот.