Македонија 02. октомври 2019. / 16:03

Пендаровски и Ѓукановиќ ја оценија посетата на Помпео како враќање на САД во регионот

Пендаровски и Ѓукановиќ ја оценија посетата на Помпео како враќање на САД во регионот

Посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на регионот во која се вклучени и Македонија и Црна Гора претставува враќање на голема врата на САД во регионот, оценија на денешната прес-конференција во Скопје претседателите на двете држави Стево Пендаровски и Мило Ѓукановиќ.

Ѓукановиќ нагласува дека посетата е на линија на зголеменото присуство на САД во нашиот регион нешто што го посакуваме, вели, и потсетува на помошта на Вашингтон во надминувањето на војните во поранешна Југославија, на склучувањето на Дејтонскиот договор, како и на поддршката од американска страна за земјите од регионот на патот кон усвојувањето на европските и евроатлантските вредности.

Во меѓувреме, нагласи, тоа внимание и попушташе, се случуваа и други надворешно политички приоритети и тоа во значителна мерка придонесе дел од проблемите кои се пренесени од времето на распаѓањето на екс Југославија да останат нерешени до денешен ден, пред се односите меѓу Белград и Приштина и нефункционалноста на Босна и Херцеговина.

Очигледно ни е потребна помош и поддршка од американска и од европска адреса успешно да ги совладаме проблемите кои уште траат, да ја зајакнеме стабилноста, да ги реализираме реформите кои ќе помогнат да го усовоиме европскиот и евроаталнтскиот систем на вредности и да го достигнеме европскиот квалитет на живот. Во тој контекст многу е охрабрувачко засиленото внимание на американската администрација кон нашиот регион и ќе помогне во блиско време да ги надминеме проблемите пренесени од претходниот период и уште поодлучно да тргнеме на патот кон економскиот и демократскиот напредок – рече Ѓукановиќ.

Според претседателот Пендаровски, посетата е добра од повеќе аспекти имајќи предвид дека последна посета на вака високо политичко ниво се случи во 2001 година од страна на тогашниот државен секретар Колин Пауел.

Нагласува дека по 18 години имаме посета на вакво политичко ниво и тоа е се само не куртоазна посета, а заклучокот за значењето на посетата го извлекува и од, како што вели, структурата на неговата регионална посета.

Прво оди во Италија која е една од клучните држави во целокупниот медитерански басен, потоа оди во Црна Гора – најновата членка на НАТО, доаѓа кај нас држава која за неколку месеци треба да стане 30 земја членка на Алијансата и ја завршува својата регионална посета со Грција која е една од клучните држави на јужното крило на НАТО. Значи не доаѓа во регионот заради тоа што е преостанато како проблем или предизвик да се решава, туку со оглед на земјите кои ги посетува значи дека доаѓа да им оддаде признание на оние кои и досега беа со години на евроатлантскиот курс посочувајќи ги тие вредности и принципи и кои со својот пример покажуваа и на својата околина во поширокиот регион дека тоа е најкусиот и најефикасниот пат кон изградба на демократско и просперитетно општество – рече Пендаровски.

За него симболика има и тоа што посетата на Македонија се организира во Охрид.