Македонија 18. декември 2020. / 20:30

Пендаровски: Бугарија го одби нашиот предлог германски експерти да влезат во Историската комисија

Пендаровски: Бугарија го одби нашиот предлог германски експерти да влезат во Историската комисија

Претседателот Стево Пендаровски денеска обелодени дека било предложено во зедничката историска комисијата на земјава и Бугарија, како експерти да бидат вклучени германски стручњаци кои би помогнале како трета страна, но тоа било одбиено од страна на Бугарија.

– Јас тврдам дека овој формат во кој само бугарски и само македонски историчари седат нема да продуцираат добри резултати. Се додека не се приклучи барем трета страна која ќе има статус на консултант, нема да има напредок. Ние имаме и дадено предлог за да се вклучат двајца експерти од Германија, но тоа беше офрлено од Бугарија, рече Пендаровски во интервју на телевизија Канал 5.

Според него, ништо не треба да се менува во учебниците и на спомениците се додека двете земји не договорат што треба да се менува.

– Прво ние можеме нешто да вметнеме во нашите читанки откако историските комисии ќе постигнат договор. Пред тоа да се парафира од двете страни, ние не можеме тоа да го правиме и да менуваме плочи, рече тој.

Во однос на имплементацијата на Договорот за добрососедство рече дека земјава ќе продолжи да го имплементира.

– Да нема илузии во јавноста. Нема друг начин да влезе во ЕУ ако не го реализираме Договорот со Бугарија и тоа е нашата намера да го правиме. Да продолжиме во сите делови, рече Пендаровски.