Македонија 22. март 2019. / 13:57

Павлопулос: Северна Македонија да го имплементира Договорот без иредентизам, во спротивно ќе ја блокираме

Павлопулос: Северна Македонија да го имплементира Договорот без иредентизам, во спротивно ќе ја блокираме

Грција ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но потребно е целосно почитување на меѓународното право и правилна имплементација на Договорот од Преспа, во спротивно ќе биде блокирана на нејзиниот европски пат“, вели грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во честитката до Грците од дијаспората по повод националниот празник 25 март, јави дописничката на МИА од Атина.

Во писмената честитка, Павлопулос освен за важноста на празникот, ги споменува и т.н. грчки национални прашања, односите на Грција со Турција, Албанија, со Македонија, како и кипарското прашање.

Што се однесува на Република Северна Македонија, ние ја поддржуваме нејзината европска перспектива. Но предуслов за оваа перспектива, од нејзина страна, е целосно и искрено почитување на европското законодавство, со тоа и на меѓународното право во целост, а пред сè Договорот од Преспа, кој мора да се толкува и да се имплементира, според неговата содржина и духот, на начин што не остава ниту трага од иредентизам. Според тоа, се подразбира дека секоја спротивна тактика ќе го блокира европскиот интегративен напредок на Република Северна Македонија, пишува Павлопулос во честитката, пренесе МИА.

Грчкиот претседател вели дека „Грција е фактор на мир и безбедност на Балканот и во поширокиот регион на Југоисточен Медитеран и целосно и практично ги почитува европското и меѓународното право” и се стреми кон пријателство и соработка со сите соседи.