Откако финансиската полиција упадна во селото Љуботен и врши претреси од рано наутро поради тутунот, Алијансата за Албанците ги повика полициските сили да ги остават на мир селаните од Љуботен затоа што продажбата на тутун за виткање им е единствен приход за егзистенција.
– Правото на живот е дадено од Бога и негирано од Владата, ова е моменталната ситуација во селото Луботен. Неприфатлива е реакцијата на воените полициски сили во селото Луботен, негирајќи го правото на живот. Не нуди работни места, не инвестира, не создава инфраструктурни врски, не нуди перспектива и ги спречува напорите за подобар живот. Ова е слично со мерките по Втората светска војна, насочени кон раселување на Албанците од нивните земји. – се вели во реакцијата на Алијансата за Албанците.
Дел од тутунот е запленет, дел селаните сами изреволтирани го извадиле на улица.
Од финансиска полиција засега нема детали. Во соопштението испратено до јавноста, наведуваат дека се спроведува акција, но поради истата и нејзината успешност не можат да дадат детали.
– Се спроведува акција за сторени кривични дела, криумчарење со акцизна стока и царинска измама. Управата за финансиска полиција во координација со Министерството за внатрешни работи спроведува акција за проверки на истото, а во интерес на истрагата не би можеле да споделиме подетални информации. Очекуваме и бараме соработка од граѓаните на реоните во кои се спроведуваат активностите, се во интерес на расчистување на случајот. Јавноста благовремено ќе биде информирана за исходот од преземените мерки и активности. – велат од таму.