Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) реагира на именувањето на новиот косовски амбасадор во Македонија, кој за нив е непожелна личност поради скандалозни, навредливи, крајно фашистички изјави кон турскиот народ и испрати писма до претседателот Ѓорге Иванов и до министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП), како и целата турска јавност во Република Македонија, но и пошироко, со голема доза на разочараност и огорченост ја примивме веста дека новиот амбасадор на Република Косово во Република Македонија ќе биде токму лицето Ѓерѓ Дедај, кој претходно додека ја вршеше функцијата заменик министер во повеќе наврати даде скандалозни, навредливи, крајно фашистички изјави кон турскиот народ.
Категорични сме дека човек кој има ваков фашизоиден и примитивен ментален склоп во ниту еден случај не смее да биде амбасадор во нашата земја која во сите сегменти максимално се труди да ја негува и промовира мултиетничноста како една голема придобивка за целото општество. Сигурни сме дека прифаќањето на дотичната личност како амбасадор во Македонија ќе резултира негативно врз мултиетничките релации во нашава земја и регионот, но и ќе влијае негативно и кон пријателството со Турција.
Веруваме дека во име на промоција на позитивните вредности во целиот регион, но и за зацврстување на пријателството со Турција ќе ги искористете сите Ваши ингеренции и нема да дозволете ваква контроверзна личност да биде именуван како амбасадор во Македонија“, пишува во соопштението од ТХП.
Партијата за Движење на Турците (ТХП) и целата турска јавност во следните денови будно ќе ги следи сите случувања и ќе превземеме порадикални демократски чекори за решавање на овој проблем.