Партиите и пратениците максимално треба да се фокусираат да обезбедат двотретинско мнозинство, за да се изгласаат уставните измени, со цел законско имплементирање на Преспанскиот договор. Ова е ставот на сите политички партии од Албанскиот блок.
Двете крила на БЕСА, Алијанса на Албанците и ДПА, отворено кажаа дека се подготвени и за вонредни парламентарни избори ако не помине договорот со Грција, освен ДУИ која е воздржана по ова прашање, и засега не дава никаков коментар.
Извори на Телма од партијата, велат дека се уште не се исцрпени сите можности за гласање на уставните измени, и затоа ДУИ нема изградено став за евентуално одржување на избори, прашање за кое попладнево ќе разговара централното претседателство во седиштето во Мала Речица.
Од Алијансата за Албанците пак за утре најавија централно собрание, на кое ќе се расправа за новонастанатата политичка состојба. За Телма изјавија дека најважно е да помине договорот во Собранието. Но независно од исходот, тие остануваат на ставот дека треба да има вонредни избори, затоа што, како што рекоа, владата на Заев нема кредибилитет да ја води државата.
Крилото на Беса на Африм Гаши, преку сооштение не информираше дека се подготвени за избори кога и да се одржат, но ситуација е премногу сериозна, и бара од сите политички актери решението да го најдат во Собранието. Сличен став има и крилото на БЕСА на Биљал Касами.
Резервираност околу евентуалните вонредни избори на ДУИ ја искажа и лидерот на партијата Али Ахмети, кој вечерта по одржувањето на референдумот, истакна дека Македонија има многу поважни прашања, отколку да размислува и да троши енергија на избори. Јавува Телма.