Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ со пародија денеска се исмеваа со акцијата во која локалната администрација чистеше ѓубре, а на лицата носеа маски со ликовите на Градоначалникот Јован Стојаноски и директорот на Комуналец Љупчо Грданоски, како и два транспаренти кои ги покриваа лицата на другите учесници.
-Администрацијата треба да биде најдобра, најтранспарентна и најуслужлива. Но, никако не треба таквата администрација да се злоупотреби за политички цели и собирање политички поени. Ненавременото и неажурно функционирање на јавните претпријатија кое доведе до еколошка катастрофа во градот, сега сака да се надополни со еколошка акција спроведена во неработен ден, во сабота, се вели во соопштението од УМС на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.
Според нив, апсурдно е кога се укинуваат сите денови каде што треба да се спроведат еколошки акции како што е Денот на екологијата, Денот на дрвото, Денот на еколошката акција на младите, а да се спроведуваат акции каде што вработените треба да се присутни.
-Со вакви и слични акции каде што општинската администрација е присилена преку правење списоци во Локалната самоуправа не се покажува грижата за чист и еколошки Охрид. Токму оваа локација им беше посочена на градоначалникот Јован Стојаноски и директорот на ЈП ,,Комунналец” пред два месеца на седница на совет и не најдоа време да ја исчитат. Затоа во иднина ќе бидеме принудени јавно да ги презентираме ваквите локации сѐ со цел да извршиме притисок тоа да го сторат, се вели во објавата.