Македонија 16. May 2019. / 14:42

Парични казни за родителите кои нема да ги запишат првачињата во училиште и нема да ги вакцинираат

Парични казни за родителите кои нема да ги запишат првачињата во училиште и нема да ги вакцинираат

Без вакцини нема образовен процес. Надлежните конечно се усогласија и на вчерашната владина седница одлучиле дека во септември, во училишните клупи ќе седнат само вакцинирани првачиња. Министерот за образование апелираше до родителите да ги однесат децата на вакцинирање доколку сакаат да одат во училиште.

Адеми вели дека овој период нема да ги враќаат пријавите на невакцинираните, но до почетокот на учебната година да достават вакцинален картон. Во спротивно семејствата ќе се соочат со прекршочни пријави и за непочитување на законот за заштита од заразни болести како и за неодење во задолжително основно образование. Казните што ќе треба да ги платат се најмалку 1500 евра и за двата прекршоци, пренесе Сител.

-Според законот предвидени се казни кога детето не е дел од основното образование. Затоа треба да се подигне свеста, треба да имаме доверба во институциите и во здравствениот систем за да се вакцинираат децата затоа што сите ја знаеме состојбата. И во моментот додека зборуваме во здравствените установи има деца ко исе соочуваат со овој проблем. Ќе бидат примени само тие со потврда за примените задолжителни вакцини, изјави Арбер Адеми, министер за образование.

Адеми вели дека ќе ја следат состојбата на терен заедно со министерството за здравство и најави покрај теренска и отворање на пунктови за вакцинација во училиштата.

Се соочуваме со епидемија и во вакви околности навистина треба сериозен пристап од страна на сите институции. Апелирам до сите родители да ги вакцинираат нивните деца и со ваквиот пристап да помогнат и да придонесат за јавното здравје, вели Адеми.

Министерот за образование вели дека и Уставниот суд пред неколку години потврдил дека не е дискриминација доколку како услов за упис во училиште се бара потврда за задолжителните вакцини.

Во меѓувреме, на Клиниката за инфективни болести четири пациенти се во тешка состојба поради компликациите од морбили. Меѓу нив е и 16 годишната девојка со церебрална парализа која сеуште е на апарати за дишење.