Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, во вечерашното гостување во Филибастер на Радио Лидер зборуваше за повеќе актуелни теми, а се осврна и на бегството на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков.
„Институциите во државата не фунционираат, а тоа за жал го знаат граѓаните и бидејќи ова се случува веќе четири години граѓаните во овие институции доверба едноставно немаат. Чија е одговорноста, допрва ќе видиме, меѓутоа за жал, подолг временски период одговорност нема апсолутно од никого“, рече Панова.
Таа потсети дека ова не е прв случај за бегство.
„Избегаа повеќе лица кои беа обвинети во поранешното СЈО. Избегаа и Груевски и Бошковски и Спасовски, убиецот на Мартин Нешковски, кој по некаков сплет на околности исто така знаевме дека на крајот нема да се соочи со лицето на правдата и ќе избега. После некое време избега и Груевски, ја слушавме истата реторика која ја слушавме денеска од страна на претседателот на Владата, Зоран Заев, дека очекуваме некаква одговорност, дека очекуваме расветлување на случајот, детали за тоа кој дозволил ова да се случи, кој помогнал да избега, чија е одговорноста, кој му шепнал од страна на Обвинителството дека ќе се одвива ваква акција, односно домашен притвор или ќе се случува тоа што се случува денес, кој го пуштил низ границата, каде е во моментот итн. Меѓутоа, еве за неколку години подооцна истото се случува повторно, “, рече Панова.
Таа не очекува дека некој ќе понесе одговорност во случајот со бегството на Мијалков, затоа што како што рече го нема Оливер Спасовски да се појави пред јавноста, да каже до каде е МВР.
„Ако бевме во некоја европска држава, кадешто нормално функционираат сите институции уште утрово ќе не известеше дека си поднесува неотповиклива оставка. Ова е симтоматично за држава како што е Македонија, во која СДСМ се на власт“, рече Панова.