Пациентките со рак на дојка се оневозможени да прават ехо или мамографија во јавното здравство, и за ваков преглед треба да се упатат во некоја приватна ординација што пружa вакви услуги, велат од „Љубов сме – Jemi dashuri“, неформална група на социјалните мрежи, чија цел е поддршка на луѓето со рак.
Тие додаваат дека проблем е тоа што некои од нив не можат ова да си го дозволат финансиски, а други, пак, стравуваат да се „мешаат“ со луѓе и се решаваат за одложување.
За жал, хемотерапиите иако се добар сојузник во борбата против ракот, може да влијаат на повеќе органи, што секако е причина онколошките пациенти да посетат специјалисти од различни области како кардиолог и гинеколог. Дел од пациентите во оваа пандемија не се одлучуваат да ги реализираат овие прегледи, а причина за тоа е стравот да не бидат заразени, така што во исто време тие го намалуваат ризикот од вирусот, но, го зголемуваат ризикот кој го носи одложувањето на посетата на лекар. Оттука е и нашиот апел до јавноста да се почитуваат мерките за да може вирусот побргу да се искорени, а со тоа и да не се влошува состојбата на луѓето со рак – вели Македонка Икономова-Давчева од Здружението.
Од Министерството за здравство за порталот „СДК.мк“ потврдуваат дека „мамографијата со оглед на моменталната ситуација со Ковид-19, се прави во редуциран број“ и додаваат дека сите пациенти со итен 24-часовен упат се примаат непречено.
Од кабинетот на министерот Венко Филипче не можат да одговорат кога ќе се нормализира работата на болниците во јавното здравство.
Клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, на 17 март соопшти дека сите термини на пациентите за редовен контролен преглед се одложуваат, а пациентите што примаат хемотерапија и имунотерапија во овој период со ширење на коронавирус да продолжат да се јавуваат на редовниот закажан термин, за да ја примат на време соодветната пропишана терапија. Клиниката препорача таблетарната терапија да ја подигне еден од членовите на семејството на пациентот.