Во моментов на Клиниката за урологија во тек е уште една трансплантација на бубрези од пациент во состојба на мозочна смрт. Едниот бубрег се трансплантира на 35 годишна пациентка, а втората трансплантација ќе се изведе по завршување на првата, пишува „Слободен печат“.
Донорот на органите е 46-годишен пациент кај кого вчера била потврдена мозочна смрт. Семејството на донорот дало согласност да се трансплантира и неговото срце, но тоа не се случило, бидејќи според неофицијални информации, потенцијалните приматели на органот не прифатиле трансплантација иако двајца од нив се во тешка состојба и се највисоко на листата на пациенти кои чекаат трансплантација на срце.
Трансплантација им била понудена на уште двајца кои се на оваа листа, но и тие не се согласиле.
Ова е втор пат во последните месеци да има трансплантација на органи од пациент во мозочна смрт. Во претходниот случај беа предадени срце и два бубрега, од кои едниот беше отфрлен. Пациентот кој го прими срцето во стабилна здравствена состојба беше пуштен на домашно лекување. Тоа беше прв случај на трансплантација на срце во Македонија.