Отворена е бесплатната телефонска линија – 191, на која граѓаните ќе може да пријавуваат неправилности во државниот пазарен инспекторат во врска со непочитување на препораките за заштита од корона вирусот.
Пазарниот инспекторат е на терен и контролира кои угостителски објекти се затворени, односно кои угостителски објекти не ги почитуваат одлуките на Владата. Исто така засилени се контролите во супермаркетите во однос на цените на основните прехранбени производи но и на средствата за дезинфекција. Свесни сме за големата паника која што се предизвика кај граѓаните кои решија да купуваат масовно и нерационално. Со цел да им излеземе во пресрет на инспекторите кои што работат на терен и по 18 часови на ден во интерес на заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните заедно со Пазарниот инспекторат ја отворивме бесплатна линија 191 на која сите граѓани кои ќе утврдат дека има прекршување на овие одлуки, односно дека има кафулиња и ресторани кои работат или пак има зголемување на цените во супермаркетите во последните две недели тогаш ќе може веднаш да пријави, а пазарниот инспекторат да постапи на терен – изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој потенцира дека на оваа бесплатна линија сите граѓани ќе можат од понеделник да пријавуваат неправилности по што веднаш ќе бидат вратени цените на основните производи кои што биле на 11 март.
Сакам да алармирам до сите граѓани, угостители и трговци кои што нема да ги почитуваат препораките на Владата дека ќе бидат казнети со казна од 5.000 евра и согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик казна затвор и до една година. Ги повикувам сите граѓани и бизнисмени во моментов да бидат разумни. Во време на криза да бидеме солидарни, да бидеме одговорни, а не да размислуваме на профит. Ги повикувам граѓаните да пријават секој вид на непочитување на владините одлуки – истакна Бектеши.