Македонија 17. јули 2019. / 14:21

Оставете ги на мира новинарите на 1ТВ!

Оставете ги на мира новинарите на 1ТВ!

Одлучната акција на ОЈО против Бојан Јовановски (Боки 13), Зоки Кичеец и (се надевам) Катица Јанева веројатно почна по силна меѓународна асистенција од ЕУ – затоа што власта очигледно сама не би пуштила низ вода вакви верни марионети – за кои, да не се лажеме, сите знаевме дека работеа под контрола на семејството на премиерот Заев.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Оваа акција го сруши концептот за наводна правда која институцијата-дивоградба СЈО требаше да ја донесе. На сите им е јасно дека откако шефицата Катица беше фатена како рекетира, СЈО веќе нема никаква иднина, независно колку жални погледи ќе упати некогаш остро-погледата Ленче Ристовска.

Впрочем, последните информации кои ги добив, говорат дека Јанева од едно бриселско истражно оделение веќе била документирана дека со изрекетираните пари купувала имот во Грција.

Сега, доколку игра мудра игра, опозицијата може многу лесно да издејствува укинување на сите пресуди кои се донесени додека Јанева го водеше СЈО.

Јас можам да кажам само дека сум среќен за ваквиот кармичен крај на обвинителот и обвинителството против кои творам од првиот ден, денот кога како дивоградба беа посадени во Македонскиот политички систем.

Клопчето се одмотува, а со него се зголемуваат и сумите кои биле изрекетирани. Очигледно е дека Боки 13 и Катица ќе си го добијат заслуженото. Ако власта проба да ги брани, ќе падне. Да сум на местото на некој од тие 90 скапо платени советници, на Заев би му кажал да не влегува во таа математика и подобро да пушти низ вода некој од неговите најблиски соработници кои работеле во дослух со Боки и Катица. Само така ќе успее да се спаси, молеќи се дека некој од осомничените нема да се охрабри и да каже дека се е под негова контрола и контрола на Вицето.

Но, за жал, покрај овие очигледни престапници, во ова страдаат и многу недолжни луѓе. Имено, Јовановски “неформално” поседува телевизија која има преку 100 вработени. Од самиот почеток капиталот кој е вложен во таа телевизија во најмала мера е сомнителен, ама тоа во овој момент – не е важно. Тие 100 луѓе, со платата која ја добиваат некако хранат семејства, а, за жал, ако продолжат работите да се движат во оваа насока постои голема веројатност да останат на улица.

Најголем дел од луѓето кои работат таму, доаѓаат од сосем спротивна идеолошка позиција со мене и медиумот кој го водам. Но, тоа не значи дека сега треба како хиена убиец да им се нафрлам затоа што биле соучесници во рекетарска банда. Тоа не го правам, затоа што знам дека не биле!

Најголем дел од новинарите во 1ТВ се професионалци, некои со поголемо, а некои со помало искуство, но, сите се професионалци. Тоа што културно си ја подржуваа власта, не ги прави непрофесионалци, затоа што никогаш не излегоа од рамките на законите. Тие луѓе Боки ги собра од веќе етаблирани медиуми, ги оставија своите работни места за да влезат во овој нов проект и сега се соочуваат со егзистенцијални проблеми, но и со булинг на социјалните медиуми.

Чисто се сомневам дека луѓе како Борјан Јовановски, Чомовски, Кабранов, Дувњак или Кочишки би се зафатиле да се бават со рекет. Може за грев да им се земе многу, но не и дека се рекетари. За помладите, како Чаловски, Крстевски или Баневски воопшто не би сакал да навлезам во дебата, со тие момци заедно сме мереле улици како млади теренски новинари и јасно ми е дека никогаш не би се зафатиле со таква илегална работа.

Гревот на овие луѓе е само што отишле да работат негде и да заработуваат за живеачка, а тоа, драги мои читатели не може да се земе како грев.

Покрај многуте новинари, во овој момент загрозена е егзистенцијата и на многу други вработени во тој медиум кои се дел од техничкиот персонал. Тие пак, ич врска немаат со ова…

Очигледно е дека Боки подмолно успеа да ги прибере сите овие луѓе, за пред себе да изгради штит од вакви работи. Мило ми е, што никој од нив не излезе јавно да го брани престапникот. Тоа е за поздрав и еве јавно им честитам на сите колеги од 1ТВ!

Затоа, ми пречи кога на социјалните мрежи се черечат овие луѓе кои во овие моменти покажаа образ и интегритет. Недозволиво е нив да ги обвинуваме за криминал со немаат врска. Треба да им помогнеме, ако се затвори медиумот да си најдат нови ангажмани, затоа што вредат. Или пак, да се најде некој да ја спаси таа телевизија и да продолжат да хранат семејства. Затоа, оставете ги на мира новинарите на 1ТВ!