Македонија 13. октомври 2018. / 13:52

Осомничените за „Поштенска банка“ донесени во кривичниот суд

Осомничените за „Поштенска банка“ донесени во кривичниот суд

Осомничените за „Поштенска банка“ моментално се во кривичниот суд во Скопје, каде што ќе биде одржано рочиште за притвор.

Во скопска единица дојдоа и обвинителите на СЈО, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми. Судија на претходна постапка треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот на обвинителите да им определи мерка притвор.

Утрово се уапсени тројца осомничени во најновата истрага на СЈО под кодно име „Поштенска банка“. Станува збор за финансиска истрага, во рамки на која, тројца од осомничените девет лица се приведени пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1.

Истрагата опфаќа повеќе поврзани настани за сторени кривични дела – Перење пари и други приноси од казниво дело и со неа се опфатени девет лица и тоа: Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.

Поради истек на многу време во однос на лицата Љубчо Георгиевски, Марјан Ѓорчев, Никола Груевски, Томе Главчев и Ратко Димитровски, настапила застареност на кривичното гонење за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување.