Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, одржа средба со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Словенија, Добран Божич.
Како што информираат од кабинетот на Османи, на средбата се разговарало за предизвиците во евро-атлантските интеграции со кои се соочува државата, особено во пресрет на јунските самити, а биле отворени и теми во однос на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
– Република Северна Македонија е новата реалност на Балканот: земја која нема поголеми отворени прашања, со стабилни меѓуетнички односи и внатрешна кохезија, која е веќе дел од регионалната иницијатива за промоција на европските правила, стандарди и вредности низ целиот регион, со крајна цел да се обезбеди трајна стабилност на Балканот. – истакнал Османи и притоа посочил дека успешната приказна треба да биде мотив и поттик за земјите од Западен Балкан, како аспиранти за членство во ЕУ.
Пред средбата со Божич, вицепремиерот остварил и средба со програмската директорка на Центарот за европски перспективи, Андреја Долничар-Јерај, со која, покрај евро-атлантските интеграции, биле отворени и теми поврзани со справувањето со мигрантската криза, напливот на фундаментализмот, како и борбата за справување со ширењето на лажните вести со кои се соочува регионот.