Македонија 03. февруари 2019. / 18:21

Османи во работна посета на Вашингтон

Османи во работна посета на Вашингтон

Вицепремиерот Бујар Османи оваа недела патува на неколкудневна работна посета на Вашингтон, во рамките на која, ќе учествува и на традиционалниот молитвен појадок во организација на американскиот претседател, Доналд Трамп.

Според соопштението од неговиот кабинет, во рамките на посетата Османи ќе оствари средби и со високи претставници на администрацијата на белата куќа, меѓу кои и со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, како и со Вилијам Беркли, директор за НАТО и Европски прашања во Националниот Совет за Безбедност при администрацијата на Белата куќа.

Планирана е посета и на американскиот Конгрес, каде Османи ќе оствари средби со бројни конгресмени и сенатори, меѓу кои и со Конгресменот Стив Стилерс, кој до јануари оваа година ја вршеше функцијата Претседател на Националниот Републиканскиот комитет во Конгресот на САД; потоа со Конгресменката Деби Дингел, ко-претсредавач со Демократскиот комитет за креирање политики во Конгресот на САД; а централна посета на Конгресот ќе биде средбата со новиот Претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот на САД – Елиот Ејџел.

Во рамките на посетата, Османи ќе учествува и на тркалезната маса пред претставниците на една од највлијателните тинк-тенк организации во САД чија тема е соработката на САД и Европа – „Германскиот Маршалов Фонд“ (German Marshal Fund), каде ќе има обраќање на тема: „Следните чекори: Македонија на пат кон демократските реформи и членството во НАТО и ЕУ“ (Next Steps: Macedonia on the Road to Democratic Reform, NATO and EU Membership)

На Агендата на Османи се и посетите на најголемите американски меѓународни институти, каде ќе оствари средба со Пол МекКарти, регионален Директор за Европа при Меѓународниот Републикански Институт ИРИ (IRI), како и со Шери Брајан, Потпретседател на Демократскиот Национален Институт НДИ (NDI).

Посетата на Османи на САД доаѓа во еден од најважните периоди за европската и евроатлантската иднина на земјава, по усвојување на Договорот од Преспа од страна на Македонија и Грција, со што се расчистува патот за евроатлантската интеграција на земјава,се наведува во соопштението.