Македонија 20. ноември 2018. / 16:00

Османи: Унификацијата на албанската азбука во Битола го означува културното обединување на Албанците

Османи: Унификацијата на албанската азбука во Битола го означува културното обединување на Албанците

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска се обрати на прес-конференција по повод одбележувањето на 22 ноември – денот на албанската азбука и 110 годишнината од Битолскиот конгрес, која се одржа во Секретаријатот за европски прашања.

-Денот кога интелектуалните потенцијали на Албанците од целиот свет успеваат да се обединат во насока на унификацијата на сопствената азбука, претставува историска точка на литературното, интелектуално, културолошко, но и етничко обединување на сите Албанци- истакна Османи, посочувајќи дека овој историски настан, кој пред 110 години се одржал во Битола, има посебна важност за Албанците од Македонија.

Вицепремиерот додал дека Денот на одржувањето на Битолскиот конгрес – 22 ноември, како Ден на албанската азбука, претставува празник и неработен ден за Албанците од Македонија, но и, како што рекол, важен ден за сите граѓани на земјава, бидејќи во историски контекст ја потврдува како светска лулка на писменоста.

Османи истакнал дека годинава Владата, заедно со Собранието, го задолжила Секретаријатот за европски прашања, да ги организира настаните поврзани со одбележувањето на овој јубилеј.

-За Денот на албанската азбука и 110 години од Битолскиот конгрес, под слоганот ‘За нас сонцето изгрева на запад’ подготвивме организација на повеќе настани, во Скопје и Битола, кои ќе бидат крунисани со концерт на виолина на уметничкиот великан Шкелзен Доли, со Македонската филхармонија, под диригентската палка на Михаел Мацијашчик од Полска, кој ќе се одржи во просториите на Македонската филхармонија, во четврток на 22 ноември со почеток во 19 часот- рече Османи.

На днешната прес-конфернција во Секретаријатот за европски прашања се обратија и албанскиот виолинист – Шкелзен Доли, кој воедно е дел и од Виенската филхармонија, директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани и државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири.