Вицепремиерот Бујар Oсмани вели дека станува збор за шпекулации од страна на Алијансата за Албанците дека бил вклучен во објавената аудио снимка, каде се споменува неговото име, каде тој наводно побарал од Али Ахмети да биде сокриен убиец.
– Се работи за целосна шпекулација, измислица и лажна вест. Ниту сум бил вклучен, ниту сум учествувал во активностите кои ги посочува Aлијансата и нејзиниот портпарол, ниту пак јас сум оној што е спомнат на нелегалната снимка. Оваа целосно лажна вест има за цел да го наруши мојот политички кредибилитет, како предводник на европските интеграции во земјава, што со оглед на чувствителноста на периодот, претставува штета што и се нанесува и на земјата.
За таа цел ги повикувам споменатите, во наредните 24 часа, целосно да го повлечат лажното поврзување на моето име и да се извинат за направената штета, во спротивност, ќе ги потегнам сите правни мерки кои стојат на располагање, и овие свои тврдења ќе треба да ги поткрепат пред правосудните органи. – стои во писмената изјава на Османи.