Македонија 17. ноември 2020. / 14:05

Османи: Се уште има надеж за започнување на преговори во декември

Османи: Се уште има надеж за започнување на преговори во декември

Јасно е дека прашањата на проширувањето се носат со консензус во Европскиот Совет. Денеска е состанокот на Совет за општи работи која е првата станица. Но, тој состанок е онлајн, а на такви состаноци не се носат одлуки. Можеби личи како начин на избегнување но реално е така. На такви состаноци треба претходно со размена на писма да се усогласат ставовите за да може на онлајн состаноците само да се констатира одлуката. Нас ни е важно во декември да имаме прва меѓувладина конференција. Има две точки на усогласување до декември. Првата е ноемврискиот Совет, втората е декемврискиот. Ние сакавме уште на првиот, ноемврискиот, за да можеме полека да се спремиме да ја подготвиме изјавата за прифаќање на рамката. Но еве денеска ќе има само информирање нема да има одлука, додека следниот состанок е во декември, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во „Утрински брифинг“ и додаде дека Бугарија остана единствената земја по однос на прашањето за Македонија.

Османи вели дека за ставот на Бугарија по однос на краткото име и јазикот нема разбирање во ЕУ, бидејќи процесот на преговори нема никаква корелација со тоа прашање.

Тоа што се добива како впечаток е дека причина е изгубената доверба во Договорот како средство за решавање на разликите. Затоа во овој период мојата намера беше како да ја вратиме довербата, не да направиме нов договор, туку да ја вратиме довербата во еден Договр кој што е констатиран и од обете страни, но и од целиот свет како одлична формула за надминување на историските прашања. За првпат направено е одвојување на политичките од историските прашања. За прв пат таа поделба овозможи прогрес и во двете прашања. Некој може да потцени, но за прв пат после 70 години има заеднички строчени текстови од историчарите во Северна Македонија и Бугарија. Исто така има прогрес во политичките прашања, изјави Османи и додаде дека сега треба да се најде начин како да се врати довербата и да се потврдат инструментите кои ги предвидува Договорот.

Мора да разговараме. Мислам дека овие дополнителни десет дена се шанса и за нас и за Бугарија. Не е едноставна ситуацијата и таму по однос на ова прашање. Мислам дека ако некој губи со блокирање на процесот Бугарија губи повеќе од било која друга земја членка и затоа мислам дека овие десет дена ќе продолжиме со комуникација како да ја вратиме довербата во договорот, додаде министерот. – Емоциите и фрустрациите кои што ги има кај граѓаните ги чувствуваме и ние. Особени ние кои што работевме во овој период за да го одбележиме почетокот на преговорите. Но сега е време кога треба да се концентрираме да изнајдеме решение. Ќе има време и моменти кога ќе ги искажеме овие емоции. Знам дека граѓаните очекуваат да бидеме потврди во тие позиции, но чувствувам дека важноста на моментот бара уште малку да работиме по дипломатски канали за да го спасиме процесот. Јас сум се уште оптимист. Акцентот требада се стави во билатерната комуникација. Германија е вистински ангажирана и заинтересирана да се изнајде решение, вели Османи.