Македонија 11. мај 2020. / 21:45

Османи пред најавеното отворање на џамиите: Ги охрабрувам верниците да не одат во џамија

Османи пред најавеното отворање на џамиите: Ги охрабрувам верниците да не одат во џамија

Во пресрет на најавеното утрешно отворање на џамиите, вицепремиерот и главен координатор на кризните штабови за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19, ги охрабрува верниците да не одат во џамија се додека не се стабилизира состојбата со епидемијата.

Немаме начин да ги затвориме џамиите. Не постои уставна и законска можност државата да затвори објекти. Тука е прашање на соработка, на договор помеѓу институциите. Јас ќе ги охрабрам луѓето да не одат, затоа што додека не сме сигурни дека состојбата е толку подобрена да може да влезе во таа втора фаза – изјави Османи, при гостувањето во емисијата „Отворено студио“ на „ТВ 24“.

Османи истакна дека одлуката за отворање на верските храмови требало да се донесе координирано, а не поединечно.

Јас бев известен од страна на ИВЗ откако тие ја донесоа одлуката. Ја добив пораката после полноќ дека е донесена одлука за отворање на џамиите. Во текот на наредниот ден имав целодневен разговор со поглаварот на ИВЗ и кога видов дека нема начин да се измести таа одлука, тогаш проценив дека е најважно сега да соработуваме, бидејќи најлошо е доколку се лутиме ќе почнеме да си кажеме еден на друг нешто и секој ќе си тера по своето. Одлуката е донесена и сега да видиме што можеме да спасиме. Според нив, не може да се смени одлуката, освен ќе го цитирам поглаварот кој рече: „Доколку се влоши состојбата, може евентуално да седнат – изјавиОсмани.

Тој порача да не се настапува ривалски, затоа што, како што потенцира, од тоа ќе загубат сите.

Мене тоа ми беше и целта за посетата на Струга и намерно на состанокот го повикав и отец Васил којшто е надлежен за Струга и муфтијата од Струга, бидејќи тоа што најмногу ме исплаши е доколку почне такво ривалство помеѓу заедниците, но и одредено ривалство кој што го гледам меѓу тие што сакаат да одат во верските објекти и тие што не сакаат. Со тоа ќе губат сите, ќе губат и верниците. Прво, не смееме да дозволиме таква поларизација и тука мислам дека постигнавме едно разбирање помеѓу сите дека тоа не смее да се случи и затоа јас кога видов мала асиметрична реакција кон верските заедници во смисла на напади, оти пропусти имаше секаде. Пропусти имаше и меѓу здравствените работници на одредени места, имаше и во бизнисите, и во верските заедници – изјави Османи.

Тој изјави дека лично смета дека во наредниот период ќе има зголемен број заразени и поради тоа повикува на внимателност.

Исто така, очекува утре на седница на Влада да се донесе одлука за олеснување на мерките, но за одредени сегменти кои се помалку ризични.