Шефот на дипломатијата Бујар Османи, на денешната прес-конференција со неговиот австриски колега Александер Шаленберг во Виена, изјави дека сме подготвени за почеток на преговори за членство со ЕУ, и дека нема сомневање дека било какво одложување за почеток на прегворите е голема грешка.
– Свесни сме – процесот е сложен, не е едноставно да се постигне консензус и ние не се откажуваме, напротив, постојано јавно кажуваме дека сме подготвени и натаму да работиме посветено и на реформите, и на добрососедските односи, и на сите предизвици кои ќе се појават – сѐ до нашето полноправно членство во ЕУ, истакна Османи, додавајќи дека Македонија и досега требаше да ги почне преговорите.
Османи се заблагодари за континуираната и безрезервна поддршка на Австрија во полза на европската перспектива на Северна Македонија, вклучително и започнување на преговорите за членство во ЕУ без никакво одложување.
– Австрија е еден од нашите најблиски поддржувачи и економски партнери, како и константен и гласен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Австрија силно се залагаше Македонија да ја одржи меѓувладината конференција до крајот на годината, рече Османи.
Шефот на дипломатијата рече дека напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е и Австрија.
– Оваа моја посета денеска претставува заокружување на една мини-турнеја по земјите членки на ЕУ кои се непосредни соседи на Балканот и кои поради тоа претставуваат и нашите најдиректни, во најмала рака, најблиски поддржувачи во процесот на европското интегрирање. Тоа е логично затоа што стабилноста, развојот, напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е секако и Република Австрија. Kако непосредни соседи, земјите од окружувањето имаат и најдобар увид, најголеми познавања за состојбите во регионот, што секако ја прави нивната поддршка и нивното мислење уште позначајно, додаде Османи.
На средбата министрите ги отворија и темите од билатералната соработка, реафирмирајќи го притоа фактот дека двете земји имаат поставено основи за стабилно и долгорочно пријателство, без никакви отворени прашања и со широка меѓусебна поддршка за бројни теми.
Во рамки на посетата на Австрија, Османи ќе се сретне и со сојузната министерка за Европска Унија и Устав на Република Австрија во рамките на кабинетот на канцеларот, Каролине Едштадлер