Македонија 25. декември 2019. / 16:54

Османи оптимист дека Собранието ќе ја надмине блокадата со цел изборите да се одржат во закажаниот термин

Османи оптимист дека Собранието ќе ја надмине блокадата со цел изборите да се одржат во закажаниот термин

Kоментирајќи ја изјавата на премиерот Зоран Заев дека е можно да не поднесе оставка ако опозицијата ги кочи важните закони за граѓаните, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, порача дека е рано да се разговара за такви екстремни позиции, затоа што се уште трае фазата на координација меѓу политичките партии.

Османи истакна дека е оптимист оти ќе се надмине состојбата во Собранието и оти ќе нема потреба за одложување на изборите закажани за 12 април следната година.

– Рано е да разговараме за такви екстремни позиции бидејќи се уште сме во фаза на координација меѓу политичките партии. Таквата координација се одвива и со СДСМ, со ВМРО-ДПМНЕ и со ДУИ за тоа како да се надмине оваа блокада во усвојување на законите во Собрание до крајот на оваа година. Сметам дека партиите ќе ги надминат овие партиски позиции и ќе најдеме начин како да ја завршиме успешно оваа агенда на Собранието оваа година и да продолжиме според договорот што е постигнат за одржување на изборите во април – посочи Османи.

Претходно, Заев изјави дека тој не сака изборите да бидат одложени, но оти е можно за тоа да се разговара и тој да не поднесе оставка на функцијата, доколку опозицијата ги блокира процесите за донесување на законите во Собранието коишто, како што оцени, се од животно значење за граѓаните.

Претседателот Стево Пендаровски, синоќа изјави дека нема логика изборите да се одложат бидејќи тие се закажани само неколку месеци пред редовниот термин, како и тоа дека тоа би ги нарушило планирањата на бизнис заедницата.