Македонија 22. февруари 2021. / 21:49

Османи од утре во работна посета на Франција

Османи од утре во работна посета на Франција

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од утре ќе престојува во работна посета на Франција, каде ќе оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.

Како што соопшти МНР, покрај средбата со својот домаќин, Османи ќе ја посети и Елисејската палата, каде ќе оствари средба со советниците во Кабинетот на претседателот, Емануел Макрон, Изабел Думон, надлежна за Континентална Европа и Турција, и со советникот за Европа, Александар Адам.

Покрај билатералните односи, на средбата ќе се разговара и за европските перспективи на Република Северна Македонија, како и актуелните прашања поврзани со пандемијата и соработката на тој план. Во рамките на посета на Франција, двајцата министри, Османи и Ле Дриан, ќе потпишат и неколку билатерални договори, стои во соопштението на МНР.

Во агендата на Османи е предвидена и средба и со Марта Де-Сидрак, претседател на групата за соработка меѓу Франција и земјите од Западен Балкан на францускиот Сенат, а ќе има одделен состанок и со заменик генералниот директор на Француската Агенција за развој, Филип Бодуен.

Работната посета на Париз на шефот на дипломатијата, Османи е дел од неговата дипломатска турнеја низ земјите членки на Европската Унија, со цел презентација на европското досие на Северна Македонија и реафирмација на поддршката за нашата земја, додава МНР.