Македонија 25. март 2020. / 21:40

Османи: Не работевме за датум за почеток на преговори со ЕУ, туку за одлука

Османи: Не работевме за датум за почеток на преговори со ЕУ, туку за одлука

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, порачува дека е важна политичката компонента, а тоа е одлука за почеток на преговорите, додека другото се технички аспекти од процесот.

Како што вели Османи, кај нас цело време била погрешна прецепцијата дека во Македонија очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Османи појаснува дека се работело за одлука.

Ние 15 години немавме одлука за започнување на преговори, бидејќи претходно имавме вето од Грција, а потоа од Франција и од други земји. Има политичка волја кај 27-те земи-членки на Европската Унија  да се започне процесот на преговори со Република С. Македонија. Откако ќе се донесе одлуката се дава мандат на Европската комисија да ја подготви преговарачката рамка во која земјите-членки ставаат елементи според нивните гледања и потоа повторно се утврдува од земјите-членки и се утврдува денот кога државната  делегација оди во Брисел и има состанок со владите на земјите-членки и формално го почнуваме процесот – појаснува Османи во интервју за ТВ 24 вести.

Османи посочува дека неколку министри од земјите-членки на ЕУ му се јавиле и му честитале за одлуката и му рекле дека ја чекаат само писмената потврда за процесот.

Имаше писмена забелешка како анекс од Бугарија, но без да има влијание и денеска разговарав со неколку министри кои ја чекале писмената потврда и ова прашање е затворено. Кај нас погрешна беше прецепцијата дека работиме за датум, ние работевме за одлука – вели Османи.

Како наша предност, Османи го истакнува тоа што веќе сме изоделе дел од патот и во Секретаријатот за европски прашања веќе има софтвер кои ги следи сите легислативи и директиви што треба да се хармонизираат во преговарачкиот процес. Треба да се хармонизираат 7.000 директиви во текот на преговарачкиот процес од кои веќе сме транспонирале 2.900.

Третина веќе сме ги хармонизирале, односно веќе се во нашето законодавство. Ние не преговараме со Европската Унија зашто директивите се фиксни. Ние всушност преговараме со нашите чинители во општеството кога една директива влегува во сила во нашата земја и кога почнуваме да ја применуваме. Доколку имаме брзо темпо на хармонизација, очекувам за пет-шест години да ги завршиме преговорите за членство – вели Осмаи.