Македонија 14. декември 2020. / 18:05

Османи на мини–турнеја во Чешка, Унгарија, Романија и Австрија

Османи на мини–турнеја во Чешка, Унгарија, Романија и Австрија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од утре ја започнува дипломатската турнеја за посета на поширокото соседство на Западниот Балкан. Тој ќе ги посети Прага, Букурешт, Будимпешта и Виена.

Како што соопшти МНР, Османи утре ја започнува турнејата со работна посета на Чешка, каде ќе има средба со чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петжичек, а ќе се сретне и со државниот секретар за ЕУ прашања во Канцеларијата на премиерот Андреј Бабиш, Милена Хрдинкова.

На 16-ти декември, шефот на дипломатијата заминува за Романија каде ќе разговара со неговиот колега и домаќин, министерот за надворешни работи Богдан Ауреску, а ќе оствари средба и со привремениот романски премиер Николае Чука.

Во Унгарија на 17-ти декември Османи ќе се сретне со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто. За време на престојот во Будимпешта, Османи ќе има средби и со советниците за надворешна политика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Јанош Бала и Јанош Мате.

Османи на 21-ви декември ќе ја заокружи мини-турнејата со посета на Виена каде ќе се сретне со австрискот колега Александар Шаленберг, а превидена е и средба со министерката за Европа во рамките на Кабинетот на Канцеларот на Австрија, Каролине Едштадлер.

– Работните посети на Османи на овие земји доаѓаат веднаш по одржаните состаноци и совети на Европската Унија со цел да ја реафирмира поддршката за европската перспектива на Република Северна Македонија. На агендата на разговорите ќе се најдат прашањата за билатералните односи, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план, а ќе бидат разгледани и повеќе актуелни теми врзани со соработката во рамките на НАТО и во меѓународните организации, најновите состојби во регионот, како и други актуелности од меѓународната политика, наведуваат од МНР.