Македонија 28. ноември 2020. / 10:57

Османи: Македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори

Османи: Македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори

Македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори, потенцираа вчера високи претставници на Владата и напоменаа дека темната страна на историјата треба да остане зад нас, а решенијата со Бугарија да се бараат преку взаемно почитување и простување.

Темел за решавање на спорот е Договорот за добрососедство, постои можност кон него да се додаде патоказ за спроведување на договореното, но не како дел од преговарачката рамка, туку како дел од ЕУ процесот.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за Алсат посочи дека дека барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западно-бугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство.

Тој се осврна на едно од барањата на бугарската страна за патоказ кон Договорот, напоменуваќи дека тоа е можно.

– Ако констатираме дека Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи, но потенцира дека патоказот, сепак, би бил дел од ЕУ-процесот, но не би бил формално дел од преговарачката рамка, бидејќи со тоа не се согласуваат другите земји членки. Додаде дека деновиве со Бугарија се разговара и на оваа тема, по што ќе се знае дали ќе има надминување на отворените прашања, рече Османи.

На ова министерот за надворешни работи додаде дека овој договор е патоказ за нашата евроинтеграција.

– Самиот Договор е патоказ. Знаете дека Договорот покрај Комисијата на историчари предвидува и меѓувладина комисија која се состанува еднаш годишно и прави пресек на постигнатото, констатира што е постигнато што не е постигнато. Договорот има предвидено механизми како да се контролира, но ако констатираме дека еве Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, меѓутоа сметаме дека тоа не треба да биде дел од преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно, вели Османи.