Вицепремиерот Бујар Османи негира какво било незаконско работење во периодот кога бил министер за здравство, за што СЈО отвори истрага под името „Пациент“, во кој го сомничи за злоупотреба на службена должност при спроведување на постапките. Османи тврди дека работел по словото на законот и за интересите на граѓаните и очекува што побрзо да се расчистат, како што вели, дилемите за негова вмешаност во злоупотребите.
„Неколку години демнеа овие шпекулации во врска со некакви сомнителни злоупотреби во министерството за здравство и јас бев еден од тие што инсистрав на истрага .Ако ги следите моите јавни настапи, отсекогаш сум барал што побргу да се отвори истрагата, бидејќи навистина нема потреба да стои постојано како дамка и сомнеж за моето работење. И мојата партија има побарано истрага за секој функционер од 2002 година, драго ми е што конечно е отворена оваа истрага, чија улога е да ги утврди фактите. Очекувам што побрзо и поефикасно да заврши“, вели Османи.
За премиерот Зоран Заев, отворањето на истрага за Османи, кој е член во Владата засега нема да повлече одговорност, велејќи дека ќе чека правосилна пресуда.
„Мојот став отсекогаш е ист. Никој не е виновен додека тоа со правосилна пресуда не му се докаже и секако ова е само истрага ќе сакам да ги знам деталите ќе го следам внимателно процесот и навремено ќе преземам свои активности ако нешто е поврзано со дигнитетот на Владата“, рече Заев.
Но, политичките партии веќе бараат негова оставка. За Алијанса за Алабанците, Заев мора да го разреши Османи, бидејќи според нив вицепремиерот нема легитимитет да ја води агендата за европски интеграции, ниту стратегијата на Владата за итни реформи за ЕУ во секторите правда и борба против корупцијата.
Алијанса за Албанците:
Покрај тоа, неговото понатамошно вршење на функцијата сериозно би ù наштетило на независноста на судството, имајќи го во предвид високото ниво на политичко мешање во судството. Бујар Османи треба веднаш да биде разрешен за да им овозможи на судиите да бидат во состојба да донесуваат одлуки без политичко мешање и притисоци.“
Во однос на новите шест истраги кои вчера ги објави СЈО, во кои меѓу другите осомничени се и Никола Груевски,Зоран Ставрески, Игор Јанушев, и Жарко Луковски, реагираа од опозициската ВМРО ДПМНЕ. За нив, ова претставува реализација на планот Б на премиерот Зоран Заев, за кој како што велат „бара помош од неговите послушници во СЈО“ за да се заплаши опозицијата преку нарачан политички прогон со злоупотреба на институциите.
„Вчерашниот настап на СЈО е уште една потврда дека Македонија не е веќе правна држава. Не постојат ни закони ни Устав. Катица Јанева си чита имиња и сама ги суди. Катица Јанева сама си закажува рочишта, ги диктира процесите и ги прозива судиите што не и се по волја. Зоран Заев ги нарачува предметите и кажува која мерка и која пресуда е преостра или преблага. Вака функционира партиско – политичкиот отпор со кој треба да се скрши македонскиот отпор“, рече Дафина Стојаноска – член на Извршен комитет на ВМРО ДПМНЕ.
Во новите истраги на СЈО се наведува дека осомничените во предметите се товарат за предизвикана финансиска штета на буџетот на Македонија за 80 милиони евра.