Македонија 30. октомври 2018. / 17:36

Османи: Изборните реформи ќе бидат завршени до претседателските избори

Османи: Изборните реформи ќе бидат завршени до претседателските избори

Изборните реформи ќе бидат имплементирани навреме за претстојните претседателски избори, изјави заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи за време на средбата со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Клеменс Која.

На почетокот на состанокот, Османи ја потенцираше важната улога на Мисијата на ОБСЕ во Македонија во поддршка на реформските процеси на Владата, при што додаде дека Мисијата на ОБСЕ одигра важна улога во надминувањето на бројните предизвици изминатиов период, особено во делот на изборните реформи, но и севкупно, во имплементацијата на принципот на владеење на правото.

– Изборните реформи се едни од клучните предизвици за наредниот период, и имплементацијата на сите претходни препораки на ОБСЕ/ОДИХР, особено во пресрет на претседателските избори на пролет, се наш приоритет – истакна Османи, посочувајќи и на останатите реформи кои ѝ претстојат на земјата во пресрет на новиот извештај на Европската Комисија во април следната година.

За време на разговорот соговорниците се осврнаа и на поддршката и помошта која Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја обезбедува за Македонија во насока на исполнување на реформите и во останатите области како што се судството, медиумите и граѓанскиот сектори. Стана збор и за актуелните предизвици, односно за имплементација на Планот 18, предизвиците околу создавањето политичка поддршка за имплементацијата на уставните измени, подготовка на придонесот на земјава кон извештајот на Европската Комисија, како и за сите останати активности поврзани со европските интеграции.