Македонија 15. декември 2020. / 18:30

Османи – Хрдинкова: Стабилниот и просперитетен регион на Западен Балкан е во интерес на ЕУ

Османи – Хрдинкова: Стабилниот и просперитетен регион на Западен Балкан е во интерес на ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска за време на работната посета на Прага, се сретна со Милена Хрдинкова, државен секретар за ЕУ прашања во Канцеларијата на премиерот Андреј Бабиш, за време на која стана збор за меѓусебната соработка при спроведувањето на неопходните реформи од аспект на евроинтегративниот процес на нашата земја.

Како што соопшти МНР, соговорниците се согласија  дека стабилниот и просперитетен регион на Западен Балкан е во интерес на ЕУ, особено во однос на геополитиката, економијата и безбедноста.

-Северна Македонија ќе продолжи со исполнувањето на потребните реформи од ЕУ-агендата, кои примарно се од интерес за самите граѓани на земјата. Остануваме силно посветени во градењето на добрососедските односи и во развојот на регионалната соработка по примерот на Вишеградската група која е меѓу најгласните поддржувачи на аспирациите на земјите од Западен Балкан за добивање на членство во ЕУ, истакна Османи.

Претходно, во рамките на посетата, Османи оствари средба со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Чешката Република, Томаш Петжичек

Посетата на Чешка е дел од мини–турнеја на министерот за посета на земјите–членки на ЕУ дел од поширокото соседството на Западниот Балкан. Во рамките на турнејата Османи утре ќе оди во посета на Романија, по што следи посетата на Унгарија, а на 21 декември ќе отпатува за Виена каде ќе ја заокружи мини – турнејата.