Македонија 21. декември 2020. / 18:20

Османи – Едштадлер: Постигнување на добрососедски односи и посветеност кон ЕУ членството

Османи – Едштадлер: Постигнување на добрососедски односи и посветеност кон ЕУ членството

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, работната посета на Република Австрија ја заврши со средбата со австриската министерка за Европска унија и Устав, Каролине Едштадлер, а фокусот на разговорот беше европската интеграција на РС Македонија, добрососедски политики, регионалната соработка.

Како што соопшти МНР, на средбата се разговарало и за внатрешно-политичка состојба во земјава, но и за други актуелни регионални и меѓународни прашања.

Според Османи, надворешната политика на Австрија отсекогаш придавала особено значење и поддршка на трансформацијата на земјите од Западен Балкан, а особено на политиката за проширување на Европската Унија со овие земји.

-Австриската перспектива, дека постои само една опција за Западниот Балкан, а тоа е целосна европска интеграција на регионот, за нас е голем стимул да не отстапуваме од стремежите за остварување на стратешките цели на земјата: постигнување и одржување на добрососедски односи и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ, истакнал на средбата Османи.

Со посетата на Република Австрија, Османи ја заврши агендата со посетата на неклку емјит членки на ЕУ. Од страна на сите соговорници била обезбедена цврста и принципиелна поддршка за понатамошниот тек на европските интеграции на земјата, преку брз и неодложен старт на преговорите со државата и одржување на првата меѓувладина конференција.

Османи од своите колеги-хомолози доби уверување дека преговарачкиот процес не смее да се билатерализира, туку напротив да биде алатка која ќе ја искористи земјата да ги совлада сите реформи и да стане европска демократија со сите параметри, се наведува во соопштението на МНР.