Бугарската Влада сѐ уште не одговорила на нон-пејперот што го упати Македонија пред Нова година, но македонската Влада се подготвува за продолжување на комуникацијата, како и за пристапот и динамиката во наредниот период, соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој најави дека денеска ќе има координација за разговорите со Бугарија и дека со премиерот ќе разговара не за нови насоки, туку за пристапот и динамиката, како и за адаптирање на календарот и активностите во рамки на новите околности.
„Сите детали ќе бидат разговарани, ние сме спремни да продолжиме со комуникацијата уште веднаш. Нашите позиции се јасни, имаме доверба во нашите позиции и унисоност и очекувам дека Бугарија ќе рефлектира по тоа што се случи во декември“, изјави Османи без да прецизира што ќе му предложи на премиерот.
На почетокот на годинава тој очекува и средба со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, а во меѓувреме има и големи очекувања од португалското претседателство со ЕУ.
„Првите контакти со португалското претседателство покажаа дека има сериозна намера да се ангажира да се продолжи онаму до каде што дојде германското претседателство. Деновиве праќаме и наш дипломат во Португалија“, најави Османи.