Македонија 06. мај 2020. / 15:23

Османи: Бугарија не планира да ги блокира преговорите тие имаат само забелешки

Османи: Бугарија не планира да ги блокира преговорите тие имаат само забелешки

Бугарија не планира да го попречува процесот на Македонија за почеток на преговори со Европската Унија, смета вицепремиерот Бујар Османи. Коментирајќи ги отворените прашања со земјата, тој вели дека Бугарија имала одредени забелешки, но дека нема намера да го блокира процесот бидејќи, како што вели, ако сакала тоа можела да го направи уште на Самитот во март.

Дел од забелешката на Бугарија на Самитот во март беше едностран акт кој беше вметнат во записникот како мислење на една земја членка, но не и во заклучоците кои го претставуваат мислењето на сите земји членки. Што значи дека во заклучоците од Самитот во март нема став на целата Унија по однос на ова прашање. Меѓутоа, се разбира дека ние сме го потпишале Договорот за добрососедство со Бугарија и ние имаме обврска да го исполниме тој договор, вклучувајќи и позитивни резултати од комисиите кои расправаат за историските теми, изјави Османи на денешната прес-конференција.

Тој потенцира дека еден од предусловите за членство во Европската Унија се добрососедските односи и затворање на отворените прашања со соседите и вели дека во наредниот период треба сериозно да се седне со бугарската страна и да се разговара за сите прашања.

Бугарија беше една од тие што гласаше за започнување на преговори со Северна Македонија. Доколку Бугарија сакаше да го попречи овој процес, можеше да го блокира во март, бидејќи без нејзина согласност ние немаше да добиеме одлука за почеток на преговори. Фактот што Бугарија дава поддршка, но во записникот остава една забелешка само кажува дека има едно прашање што треба да се реши, но не планира да го блокира процесот, бидејќи можеше да го блокира во одлуката. Со едно „Не“ на самитот во март ќе ја спречеше одлуката за почеток на преговори. Се обидувам да го читам контекстот. Кога велите „да“, но во исто време кажувате една забелешка – вие оставате простор за решавање, без притоа да изразите волја да го блокирате процесот,вели Османи.

Османи потенцира дека државата е свесна дека има потпишано договори за добрососедство со Бугарија и Грција и таму, вели, има работи што треба да се имплементираат. Затоа вели, постојат механизми и тела коишто се формирани врз основа на тие договори и таму ќе се бара решение.