Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговарал со холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок за најновите и актуелни политички случувања во државата, идните чекори за европската интеграција на Македонија, како и потенцијалите за продлабочување на билатералната и мултилатерална соработка со Холандија.
„Холандија се вбројува помеѓу најголемите билатерални донатори на нашата земја што претставува исклучителен придонес за севкупниот напредок, како и за европската перспектива на земјава“, изјавил Османи.
Тој се заблагодарил за принципиелната и недвосмислена поддршка од Холандија за европската интеграција на нашата земја, посебно преку поддршка на судството, реформа на јавната администрација и приближувањето кон европското законодавство.
Според Османи, Македонија високо го цени холандскиот „строг и фер“ принцип, што значително ни помага во спроведување на реформската европска агенда и имплементирање на европските стандарди.
Како што соопшти МНР, Блок ги поздравил постигнатите резултати на земјава во насока на реализација на европските интеграции, особено во контекст на носењето храбри одлуки за унапредување на добрососедските односи. Тој истакнал дека „Холандија го поддржува отпочнувањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија со Европската унија, откако ќе биде усвоена Преговарачката рамка“. А Холандија, според него, продолжува и во иднина да биде партнер на Северна Македонија во спроведување и продлабочување на ЕУ реформскиот процес.