Опозицијата обвинува дека во администрацијата владее тотален хаос. Незаконски партиски вработувања, притисоци и уцени врз администрацијата и општо непочитување на законите и законските обврски, посебно откако се договорија предвремените парламентарни избори во април 2020 година, ијави денеска Невенка Стаменковска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според евиденцијата што ја водат во партијата, од 20 октомври 2019 до денеска, вели Стаменковска, објавени се над 1500 огласи за вработување во администрацијата на определено и неопределено работно време за над 2500 лица, додека во последните десетина дена од месец ноември објавени се 452 огласи за вкупно 519 лица.
Од друга страна, велат од ВМРО-ДПМНЕ, за една недела од страна на административните службеници и вработени во државните и јавни институции, пристигнати се стотици докази за поведени дисциплински постапки, незаконски распоредувања и отказни решенија.
– И тоа, 32 Решенија за изречени дисциплински мерки, 90 Решенија за распоредување на пониско ниво, 55 Решенија за распоредување во друга општина, надвор од местото на живеење и 37 Решенија за отказ од работно место, откри Стаменковска.
Дополнително од партијата укажуваат дека во извештајот за периодот јануари – јуни 2019 година, за многу институции воопшто нема податоци, има реализирано повеќе вработувања од планираните. Потсетија и за Законот за вработените во јавниот сектор, каде во член 46 се вели дека определена е Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност и ќе му се изрече на функционерот кој раководи со институцијата, ако не достави извештаи за реализација на годишниот план за вработувања, или во извештаите внесе лажни податоци.
– Дополнително ги потсетуваме членовите на Совет за реформа на јавната администрација на член 20-б став 9 од ЗВЈС кој гласи: Доколку и по истекот на рокот од став (8) на овој член функционерот на институцијата до Министерството за информатичко општество и администрација не достави усогласен план и не добие позитивно мислење, институцијата нема да може да спроведува постапки за нови вработувања. Императивна норма која доколку не се почитува, сите вработувања се ништовни, вели Стаменковска.
Доказите и аргументите велат од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достават денеска до Делегацијата на Европската Унија.