Македонија 26. октомври 2018. / 09:49

Опозицијата нема да се вклучи во подготовката на уставните амандмани и во телото за помирување

Опозицијата нема да се вклучи во подготовката на уставните амандмани и во телото за помирување

Нацрт – амандманите на Уставот за кои тече рокот што произлегува од петочната одлука на Собранието, се во фаза на изготвување. Се прават обиди во консултациите за нивното изготвување да се вклучат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но засега тоа нема да се случи. Џафери вели дека е јасно дека од ВМРО-ДПМНЕ не се заинтересирани за општо помирување кое ќе се одрази и врз граѓаните.

Нацрт амандманите за промена на Уставот би можеле да се најдат во Собранието за викендот или од понеделник.

Од пратеничката група на СДСМ велат дека се остава време за вклучување на пратениците од опозоцијата во консултациите, иако изразуваат песимизам дека тоа ќе се случи.

Доколку тоа не се случи, во консултациите, велат од таму, ќе биде вклучена евентуално новата пратеничка група.

Од ВМРО-ДПМНЕ нема конкретни информации дали навистина нивните пратеници не сакаат да се вклучат во консултациите за нацрт-уставните амандмани. Од опозициската партија нагласуваат дека допрва ќе се носи одлука како партијата ќе постапи во однос на ова прашање. Одлуката ќе ја донесат во договор со пратениците.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера кажа дека во однос на најавата за консултации за подготовка на нацрт-амандамните на Уставот, обврска на предлагачот е да подготви Нацрт – амандмани, но неспорно е да се направат консултации претходно во однос на замислата меѓу пратениците и Владата.

Тоа не е исклучено како можност, потенцира Џафери. Не одговори кога ќе почнат овие консултации што беа најавени од премиерот Зоран Заев.

„Не мора да значи денеска конкретно. Владата доби соодветен рок од 15 дена со заклучокот на Собранието при донесувањето на одлуката и треба да го почитуваат тој рок, а дали ќе почнат денеска или утре, или задутре тоа е веќе нивна одлука“, рече претседателот на Собранието.

Премиерот Зоран Заев во средата истакна дека останува отворен за вклучување на опозицијата во делот на сугестии за зајакнување на идентитетот, гаранцијата на определбата и гласањето во Грција, нашата интеграција во ЕУ. Најави консултации со пратеничките групи, почнувајќи од вчера. Но, според информациите од Собранието тоа не се случи, а неизвесно е дека воопшто ќе се случи.

Идејата за формирање на телото за помирување потекнува од мнозинството, да има општо помирување меѓу партиите, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери. Волја на пратениците е токму тој да го води ова тело, рече Џафери.

„Веќе имавме дискусија со претпоставка како би изгледало. Еден од основните елементи е етичкиот кодекс на однесување, кој беше усвоен. Очекувам иницијаторите да свикаат конкретна средба и да ја објаснат идејата“, рече собранискот спикер.

Според него, во однос на ВМРО-ДПМНЕ јасно е дека не се заинтересирани за општо помирување кое ќе се одрази и врз граѓаните.

„За законот за амнестија имаат надлежност да достават предлог-закон и тоа не е спорно, но која е идејата и што би придонело тоа. Не прејудицирам која би била идејата и во кој опфат би било, но во секој случај секој пратеник има легитимно право да предложи закон, па и таков закон. Ќе се разговара за тоа кога ќе имаме конкретен предлог“, истака Џафери.