Околу 150 полицајци и 300 припадници на Армијата ќе бидат ангажирани за обезбедување на здравствени објекти, во зависност од потребите на Министерството за здравство.
Ова е утврдено на денешната седница на Управувачкиот комитет, а напладне на владина седница се очекува да биде усвоен овој предлог, кој потоа ќе му биде доставен на врховниот командант на Армијата, претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да ја донесе наредбата за ангажман на Армијата за поддршка на полицијата.
Стојанче Ангелов по седницата на Управувачкиот комитет изјави дека се работи за 295 припадници на Армијата кои нема да бидат вооружени и ќе бидат распоредени само онаму каде што ќе биде тоа неопходно, но исклучиво како придружба на полициските службеници.
Тоа ќе бидат места каде што има голема фреквенција на луѓе, но нема да се однесува на приватните болници, кои имаат сопствено обезбедување.
– Ние не праќаме војска затоа што граѓаните прават нереди во болниците, туку превентивно да го одржуваат редот за да можат здравствените работници непречено да ја вршат својата работа, изјави Ангелов.