Македонија 27. јули 2018. / 16:54

ОЈО ја отфрли кривичната против Заев и Димитров за загрозување на независноста

Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни Никола Димитров, поднесена од неколку здруженија за „загрозување на независноста“, поради потпишувањето на Договорот од Преспа со Грција.

-За да постои кривичното дело „загрозување на независноста“, потребно е лицето кое го врши ова кривично дело со умисла да ја доведе Република Македонија во состојба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Под независност се подразбира изградба на општествен систем без туѓи влијанија, како и слободно и рамноправно стапување во меѓународни односи и водење политика во тие односи без туѓи влијанија“, се вели во соопштението.

Од ОЈО објаснуваат дека по анализа на спомнатата Спогодба, тргнувајќи од Преамбулата во која се изнесени целите на актот и нејзините основни начела, оценило дека при склучување на Спогодбата договорните страни се повикале на начелата и целите на Повелбата на Обединетите нации, Завршниот документ од Хелсинки од 1975 година, релевантните акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и вредностите и начелата на Советот на Европа.

При тоа се воделе од духот и начелата на демократијата и се повикале на нивна обврска согласно Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, под каков било изговор и во било која форма, да не се мешаат во внатрешните работи и надлежности една на друга.

Надлежниот јавен обвинител ценеше дека пријавените при потпишување на Спогодбата не биле ниту под влијание, ниту пак имале помош од држава кон која нашата земја се доведува во потчинетост или зависност, уште повеќе што по потпишувањето на наведената Спогодба следат и други правни инструменти – ратификација и референдум, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Според ОЈО, кривичната пријава е отфрлена бидејќи пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност. Во неа, Заев и Димитров биле пријавени и за сторено кривично дело „злосторство против човечноста“, за коешто надлежно е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што ќе биде доставена на таа адреса.

Пријавата ја поднесоа Граѓанската иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење „Преродба“ – Движење на носителите и бранителите на државниот суверенитет „Македонска преродба“, а ги обвинуваат Заев и Димитров дека како носители на високи државни функции потпишале конечна спогодба со која биле разнишани темелите на постоењето на Република Македонија.