Македонија 11. јули 2019. / 13:37

Одржана експертска работилница за сајбер безбедноста меѓу Македонија и Обединетото Кралство

Одржана експертска работилница за сајбер безбедноста меѓу Македонија и Обединетото Кралство

Во рамки на соработката на Македонијаи Обединетото Кралство на полето на сајбер безбедноста, денеска во Скопје се одржува еднодневна експертска работилница за сајбер безбедност.

Воспоставување конкретни иницијативи за поддршка на процесот на градење капацитети на полето на сајбер безбедноста е целта на експерстката работилница за сајбер безбедност, што се одржува денеска во Скопје во рамки на соработката на државава со Обединетото Кралство.

Министерството за информатичко општество и администрација соопшти дека на работилницата, делегацијата од државава ги истакнала стратешките цели и активностите кои се преземаат на национално ниво, во насока на зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност. Делегацијата од Обединетото Кралство, пак, споделила најдобри практики, како и конкретни мерки за поддршка при имплементација на приоритетните активности од Акцискиот план за сајбер безбедност 2018-2022 година.

Амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија, Рејчел Галовеј истакнала дека со приближувањето на Македонија кон членството во НАТО, важноста од зајакнувањето на оваа прва линија на одбрана станува сè позначајна со секој изминат ден и ќе продолжи да биде значајна во текот на многу идни години.

Градењето ефективни сајбер-капацитети и способности е клучен дел од подготвеноста за влез во НАТО, а Обединетото Кралство ве поддржува во подготовките во оваа насока. Експерти од редовите на Владата на Обединетото Кралство денеска ќе работат со вас за да се споделат најдобрите практики и да се идентификуваат предизвиците, можностите и следните чекори во вашиот пат кон побезбеден сајбер-простор. Сајбер-безбедноста не е област која треба да функционира изолирано. Напротив, таа е дел од поголеми напори за заштита на владите и граѓаните од низа хибридни закани. Затоа, потребен е координиран, здружен приод „цела влада” за ефективно справување со ваквите закани. Посветени сме да работиме заедно со вас за да се обезбеди побезбеден и позаштитен онлајн-простор низ целиот регион, низ Европскиот континент и ширум светот – изјави Галовеј.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочил дека држвава активно работи на унапредување на капацитетите за сајбер безбедност на национално ниво. Со поставување стратешка визија и практични активности за спроведување на дефинираните постапки, продолжуваме да го чекориме патот кон градење отворен, безбеден и заштитен сајбер-простор, рекол министерот Манчевски.

Фокусот на Националната стратегија и Акциски план за сајбер-безбедност за периодот 2018 – 2022 година е на носење стратешки одлуки, спроведување активности на оперативно ниво, како и идентификација и заштита на критична информатичка инфраструктура. Токму во овие две сфери, Обединетото Кралство се истакнува со искуство и знаење и се надевам дека денешниот ден ќе резултира со конкретни мерки за поддршка на Македонија во овие области -рече Манчевски.