Прилепскиот Завод и музеј, надвор од годишната програма, во рамките на обновата и истражувањата на манастирот Трескавец, од Министерството за култура има одобрено 20 милиона денари.
Како што нагласува директорот на „Завод и музеј Прилеп“, Благоја Атанасоски, средствата се надвор од проектите на годишната програма и се строго наменети на завршувањето на проектот „Трескавец“ за кој државата досега оддели преку два милиона евра за обновата на опожарените конаци.
– Средствата од 20 милиона денари се за дообновата на конаците, за конзервација и реконструкција на античкиот локалитет Колобаиса околу Манастирот, за работите на црквата „Успение на пресвета Богородица“, за магерницата, трпезаријата. Тоа е посебен фонд – објаснува Атанасоски.
Атанасоски навестува дека ќе се решат прашањата за пречистителната станица и за водоводот до Манастирот за што, со локалните власти, се упатени на Министерството за животна средина.
– Се трудиме да се овозможат средствата, заедно со локалните власти. Доколку не може поинаку, локалната самоуправа ќе интервенира и верувам до празникот на Манастирот, 28 август, ќе се реши прашањето со водоводот за целосно да биде ставен во функција – рече Атанасоски.
За изградбата на водоводот до манастирот Трескавец има проект уште од 2012 година и се потребни околу 100.000 евра. Само со изградбата на водоводот и покрја тоа што конаците се речиси обновени, не може Трескавец да биде ставен во функција.