По повод Денот на Европа – 9 Мај, Делегацијата на ЕУ во Македонија организира настан пред платото на Градската општата болница „8 Септември“.
Настанот ќе почне во 12.30 часот со кревање на знамињата на Република Македонија и на Европската Унија, по што ќе се оддаде почит со едноминутно молчење за жртвите од Ковид-19.
Како што соопшти европската делегација во Скопје, на церемонијата свои обраќања ќе имаат евроамбсадорот Самуел Жбогар и техничкиот премиер Оливер Спасовски. Случувањето ќе се пренесува во живо на официјалниот канал на Владата.
По повод Денот на Европа, делегацијата на ЕК во Скопје ќе одржи и Еуротон (Eurothon), целодневна онлајн програма на социјалните медиуми на Делегацијата на ЕК и на Европска куќа.
Програмата ќе почне со интонирање на химната на ЕУ „Ода на радоста“ во изведба на студентите од музичкото училиште „Пиано арт“ од Скопје, по што ќе следуваат онлајн обраќања на евроамбсадорот Жбогар и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Еуротон ќе почне во 11 часот, а ќе вклучува и емитување делови од дебати на евроамбасадорот Жбогар со ученици од средни училишта низ земјава, презентација на програмите на Еразмус и други активности.