Македонија 09. мај 2020. / 15:09

Одбележани Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Одбележани Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Со полагање цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје, во дворот на Владата беше одбележан 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Цвеќе положија владина делегација предводена од техничкиот премиер, Оливер Спасовски и вицепремиерите Радмиила Шекеринска и Бујар Османи, како и делегација на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна предводена од претседателот на Сојузот Никола Стојановски.

Денеска одбележуваме голем ден, датум со два големи настана во историјата на Европа и на нашата земја, датум впишан со златни букви во историјата на напредна Европа и датум за паметење на големото дело на борците од партизнаските единици во Народноосолободителната војна кои со двете заседанија на АСНОм ја заокружија вековната борба  и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава – изјави Спасовски во поздравниот говор.

Тој нагласи дека овој ден е и темелник на повоената историја на Европа.

Денеска одбележуваме 70 години, од денот кога на 9 мај 1950 година, на предлог на францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, започна да се гради Европа, како опција за одржување на мирот. Седум години подоцна, шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со Договорот од Рим и го отпочнаа процесот на европската интеграција, кој ќе биде крунисан со она што денеска претставува Европската Унија. Со идејата за Европската Унија лидерите на европските земји избраа дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта – изјавиСпасовски.

Тој се осврна и на Втората светска војна на територијата на Македонија, која, како што рече, заврши со околу 25.000 загинати борци и цивилни жртви од сите етнички задници.

Македонската држава беше создадена како дом на слободата. Дом на изборот, дом на слободата на изразувањето и на слободната мислата. Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа – посочи Спасовски.

Своја честитка по повод 75-годишнината од Победата над фашизмот и Денот на Европа, упати и претседателот на Сојузот на борците, кој истакна дека во ова време на деликатни околности, кога европската и светската заедница се соочуваат со состојбата на пандемијата, неопходна е заедничка борба, солидарност и сојузништво.

Произлезени како држава и нација низ вековната борба може да се согласиме дека ова се најтешки моменти после антифашистичката херојска борба, крунисана со АСНОМ-ските решенија, до конечната сојузничка победа на 9 мај 1945. Денес, оддаваме почит кон жртвите и кон едно големо дело, нашиот пат, како АСНОМ-ски, со прогрес и поддршка на прогресивните идеи, за слобода, еднаквост и братство – изјави Стојановски.