Македонија 09. ноември 2018. / 18:28

Од понеделник започнува подготвителниот скрининг за поглавието 24

Од понеделник започнува подготвителниот скрининг за поглавието 24

Дипломатски извори за МИА објаснуваат дека станува збор за обемна област, во која се дискутираат различни теми, како азил, миграција и низа граѓански и кривични материи.

Македонија и Албанија од понеделник го почнуваат подготвителниот скрининг за поглавјето 24 насловен „Правда, слобода и безбедност”, јави дописничката на МИА од Брисел.

Состанокот ќе трае три дена, за време на кои експертските тимови ќе ги чешлаат седумдесетте страници од европското законодавство (acquis communautaire/аки) посветен на овие теми.

Дипломатски извори за МИА објаснуваат дека станува збор за обемна област, во која се дискутираат различни теми, како азил, миграција и низа граѓански и кривични материи.

-Техничкото објаснување на аки-то за поглавјето 24 ќе се одржи од 12 до 14 ноември во Брисел за да ги запознае земјите со законодавството и стандардите на ЕУ во овие области – изјави за МИА портпаролката Маја Коцијанчич.

Таа потсетува дека Европската Комисија ја почна потребната подготвителна работа и „ќе продолжи да ја поддржува Поранешната југословенска република Македонија во нејзините напори да постигне опипливи и одржливи резултати посебно во борбата против корупцијата и организираниот криминал, области кои имаат важен импакт врз животите на граѓаните“, рече Коцијанчич за МИА.

Македонската делегација е предводена од двајцата главни преговарачи, Бујар Османи и Бојан Маричиќ.

Вицепремиерот Османи в понеделник попладне ќе се сретне и со еврокомесарот Јоханес Хан, потврдија од Европската Комисија.

До крајот на оваа година треба да се одржат ушти три скрининг состаноци за поглавјата 3 (слобода на услуги), 5 (јавни набавки) и 32 (финансиска контрола).