Еден месец пред официјалниот старт на најголемата статистичка операција, задутре започнува пописот на иселениците, кој ќе трае 50 дена, односно од први март па се до 21 април до кога ќе трае и официјалниот дел од пописот.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека за целиот овој период ќе биде спроведувана кампања за мотивирање на нашите иселеници да се попишат, а за тоа деновиве тој имал и онлајн разговори со нашите амбасадори и конзули. Податоците од пописот, рече Османи во иднина ќе бидат од голема важност за да им се помогне на нашите иселеници во местата каде што во моментот живеат.
– Побарав секое ДКП до понеделник да ми достави план како ќе ги информира граѓаните. Ќе ви кажам конкретен пример претставникот од Австралија рече дека имаат локално радио кое што го користат нашите иселеници и тоа е добра можност преку локалното радио да се информираат за начинот, постапката, времето на попишување и така натаму. Некаде нема таква можност па ќе треба да се комуницира преку клубовите преку кои што се организираат граѓаните, преку социјалните мрежи, изјави Бујар Османи – министер за надворешни работи.
Попишувањето е едноставно и тоа може да се направи дури и преку нивните мобилни телефони, рече директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Тој истакна дека апликацијата е на 8 јазици вклучително и англискиот, и дека се преземени сите мерки податоците што ќе бидат дадени да бидат целосно заштитени.
– Самопопишувањето ќе се спроведе преку веб апликацијата која што е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна што значи дека секој државјанин на Република Северна Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни и за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата имеил адреса. Апликацијата е наменета за самопопишување во странство што значи дека пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен. Прашалниците вклучени во апликацијата ќе бидат идентични со оние кои што се за попишувањето во земјата со таа разлика што овде нема да имаме користење на бази на податоци, вели Апостол Симовски – директор на Државен завод за статистика.
Покрај иселениците од први па се до 15 март во соработка со министерството за одбрана ќе се спроведе и попис на припадниците на Армијата кои се на мисии во странство, а во соработка со Министерството за правда попис ќе биде спроведен и притворени или лица кои се на издржување казна затвор.