Хотелот Ибис Стајл од почетокот на идната недела ќе започне да прима пациенти, како резултат на договорот помеѓу Министерството за здравство и приватните клиники. Во тек е медицинско опремување на објектот кој на јавноста и е познат и по поранешната гинеколошка болница „Мала Богородица” .
– Се подготвува и техничката документација за станица за кислород што ќе биде поставена надвор од објектот со цел опслужување со кислород на пациентите кои ќе бидат хоспитализирани. Во тек се и преговорите околу начинот на кој ќе функционира овој ковид-центар, согласно договорот меѓу Министерството за здравство и приватните клиники за меѓусебна соработка во борбата со Ковид-19, информираат од болницата.
Со ковид-центарот ќе менаџира Министерството за здравство, односно државата, кои ќе одлучуваат кои пациенти ќе се третираат тука и каква терапија ќе добиваат. Согласно договорот ќе се третираат и хоспитализираат пред се пациенти со полесна и умерена клиничка слика, додека пациентите со потешки компликации ќе се третираат во ГОБ „8 Септември”.
– Капацитетот на објектот e 100 болнички легла. Дел од опремата и кадарот ќе бидат покриени од Клиничката болница „Аџибадем Систина” и Клиниката „Жан Митрев” согласно договорите со Фондот за здравствено осигурување. Пациентите кои ќе се третираат во објектот ќе добијат услуги на исто ниво како што добиваат и пациентите во овие две приватни здравствени установи. Секоја болничка соба ќе биде опремена со максимум два болнички кревети, клима уред, безжична интернет конекција, телевизор и посебна бања, потенцираат од болницата.
Цената за лекувањето која државата ќе им ја исплаќа на приватните болници за оваа намена, според утврдениот ценовник од Фондот за здравствено осигурување изнесува 100 евра од ден по пациент.