Македонија 14. јануари 2020. / 12:14

Од АХВ се пофалија дека во 2019 година во земјава немало ниту едно труење со храна

Од АХВ се пофалија дека во 2019 година во земјава немало ниту едно труење со храна

Системот за безбедност на храната е функционален. Изминатата година не е евидентирано ниту едно труење, иако биле пријавени три случаи со 19 лица, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, оценувајќи дека ваквите резултати се солидни ако се земе превид дека во 2017 година 21 лице завршиле на болничко лекување, а лани 35.

Според Атанасов, минатата година во трите случаи причинителот не е потврден зашто пријавените 19 лица имале благи симптоми.

– Во светски рамки годишно се евидентираат по околу 600 милиони случаи на труење со храна, а од нив 430.000 завршуваат со смрт. Оттука, можеме да кажеме дека кај нас системот на безбедност на храната функционира и во него се вклучени сите инволвирани: потрошувачите, институциите, операторите со храна и лабораториите – изјави Атанасов на средба со новинарите.

Како што истакна Атанасов, за поефикасна и уште подобра контрола, како и за поголема безбедност на храната, АХВ вовела систем за брзо известување според европските стандарди, почнала да спроведува програма за контрола и превентива на одделни физички, хемиски и биолошки опасности во определени видови или категории храна, имплементирала мониторинг на храната третирана со јонизирачко зрачење, а почнала активно да работи и Националниот совет за безбедност на храната.