Владата и администрацијата сериозно да се зафатат со решавање на прашањето околу избирачкиот список и враќање на довербата во него, порачаа од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
Ова е една од препораките на мисијата по спроведениот референдум, од каде потенцираат дека и покрај празнините во законската рамка, темелните слободи биле почитувани во непристрасно администрираниот референдум.
„Темелните слободи, на собирање здружување и изразување беа почитувани низ целиот процес, иако непостоењето на официјална кампања против значеше дека гледиштата на кампањата за доминираа, медиумите обезбедија опсежни информации и широк спектар на мислења“, рече амбасадорот Јан Петересен, шеф на мисијата на ОДИХР за набљудување на референдумот.
ДИК го администрираше референдумот непристрасно и одржуваше ефикасни состаноци, но недостигаше суштествена дебата за клучни прашања, велат меѓународните претставници и додаваат дека иако властите вложиле извесни напори да обезбедат јавни информации во врска со договорот, неговата содржина беше недоволно објаснета.
„Доколку ги почитуваме оние кои одбраа да не гласаат, мораме да ги почитуваме и оние над половина милион граѓани кои сериозно го сфатија референдумот и одлучија да го дадат својот глас за иднината на земјата. За во иднина, се надеваме дека прашањата на точноста на избирачките списоци ќе биде најпосле решена. Сигурни сме дека ќе дојдат наредни избори, а треба да има доверба во избирачкиоот соисок“, рече Штефан Шенах, шеф на делегацијата на парламентарното собрание на Советот на Европа.
Меѓународните претставници во однос на цензусот посочија дека во различни држави има различни примери дали воопшто треба да постои праг на излезност кога станува збор за консултативен референдум. Кај консултативниот референдум политиката ги прашува граѓаните, но на крајот одлучуваат политичарите за разлика од обврзувачкиот референдум, додаде Шенах.
ОБСЕ/ОДИХР генерално оцени дека референдумскиот провцес поминал во мирна атмосфера без поголеми инциденти.