Деновиве, според власта, нивните медиумски перјаници и гласни поддржувачи, сме го добиле најпозитивниот извештај од Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Поведен од пишувањата по медиумите и слаткоречивоста на перјаниците на т.н. „живот“, решив да проверам што навистина пишува во тој извештај и сам да се уверам во кажувањата.
пишува: доц. д-р Самоил МАЛЧЕСКИ
Нема да зборувам за теми кои веќе беа опфатени во медиумите, напротив, ќе зборувам за тема која со години е на маргините на сите политички гарнитури, а е суштинска за опстојувањето на државата. Ќе зборувам за образованието, една од клучните алки на секое општество.
Пред да продолжам, сакам да напоменам дека нема да ги коментирам лагите на старо-новата врхушка, преточени во една од најголемите лаги во поновата македонска историја, наречена „План за живот“. Ќе се фокусирам на коментарите и забелешките на ЕУ во областа на образованието.
На страниците 5 и 6 од извештајот, Европската комисија констатира дека недостатоците во наставните програми се клучни за немањето на потребни вештини кои ги бараат компаниите и со тоа се нарушува продуктивноста на трудот и конкурентноста на економијата. Притоа, истата оваа забелешка Комисијата ја повторува и на страница 51.
Понатаму, на страница 30, Европската комисија ќе констатира: „Немаше подобрувања во материјалните услови и достапноста на образованието за притворените деца.“ На страница 51 од „најпозитивниот“ извештај, Комисијата ни препорачува: „…зајакнување на управувањето и ефикасноста на трошењето во образовниот сектор со цел да се забрза модернизацијата на образовниот систем на сите нивоа.“.
И кога ќе помислите дека само ова се забелешките во „најпозитивниот“ извештај, сфаќате дека темата образование тукушто започнува.
На истата страница Комисијата ќе ни забележи: „Воведувањето на мерки од сеопфатната стратегија за образование 2018-2025 остана ограничено. Бидејќи ниту една од минатогодишните препораки не беше имплементирана, тие остануваат валидни.“. Замислете, „најпозитивен“ извештај, а никој во Владата не ги спровел препораките од извештајот во 2018 година?! Па што правеле овие луѓе 12 месеци? Зошто ги плаќаме?
Притоа, Комисијата исто така ќе констатира: „Нивото на запишување во образованието во раното детство останува загрижувачка“, како и „…се уште се потребни значителни подобрувања во квалитетот на основното и средното образование.“. Од ова можеме да заклучиме дека Владата не тема образование ништо не направила во изминатите 12 месеци, а толку многу ветуваа!
Понатаму, на страница 86 Комисијата ни го забележува и следното: „Квалитетот на образованието е загрижувачки на сите нивоа и системот останува ранлив на политичкото влијание и на корупцијата.“. Добро, не е изненадувачки, корупцијата и политичкото насилие се одлика на оваа власт уште од првиот ден на нивното владеење. И уште пострашно: „Поделбата по етничките линии во образованието продолжува. Нема намалување на бројот на училиштата каде што учениците се одделени и бариерите за интеграција остануваат значајни.“. Што се случи со „едно општество за сите“? Или една фамилија беше?
Комисијата, исто така, на страница 84 констатира: „Остварен е ограничен напредок со донесувањето на новиот Закон за високо образование, според кој во 2019 година треба да се формираат Национален совет за високо образование, Одбор за акредитација на високо образование и посебен Одбор за евалуација на високото образование“. Со оглед на фактот дека никој не ги спомнува, овие тела остануваат заборавени исто како и Одборот за финансирање на високото обраование од претходниот закон, а се клучни и без нив не може да функционира високото образование. А толку многу се фалеа со овој закон.
Во делот на средното стручно образование, Комисијата ќе ни забележи: „Потребно е понатамошно вложување во професионалниот развој на наставниците во стручното образование и обука и воведување на пофлексибилен, модуларен наставен план за стручно образование и обука, со директно вклучување на работодавачите во образованието и обуката. Исто така, се препорачува поблизок мониторинг на резултатите од стручното образование и обука (на пример, статусот на пазарот на трудот на дипломирани студенти).“. Понатаму, на истата страница Комисијата не фали за учество во програмата Еразмус + и дека во 2019 година сме биле домаќини на Групата за следење на Болоњскиот процес.
Од сето ова погоре изнесено можеме да заклучиме дека на оваа Влада, како и на многу (читај сите) претходни, воопшто не им е битно образованието и образовните реформи. Нивната наводна загриженост е паушална и само лоша глума. Фактите и аргументите преточени во Извештајот на Европската комисија се немилосрдни и ја демаскираат Владата и нивната евтина пропаганда.
До „најпозитивниот“ извештај и после него останува фактот дека нема реформи и за жал немаат капацитет за реформи. Состојбата во македонскиот образовен систем е многу лоша, почнувајќи од лошите образовни програми по т.н. Кембриџ, кои се најголемо злосторство врз македонските деца, продолжувајќи со тоа дека во училиштата нема основни методско-дидактички средва и што уште не. Понатаму, да не зборуваме за платите на вработените во овој клучен државен систем, особено за платите на колегите во основното и средното образование.
Состојбите во високото образование се приказна сами за себе, од немање на кадар, програми кои не се усогласени со потребите на пазарот на трудот, па се до уписна политика која се темели на желби на некои „моќници“, а не на реалните општествени потреби и потреби на македонската економија! Средствата кои Владата ги одделува за научно-истражувачка работа е срамота да ги споменеш. Овие проблеми со години се провлекуваат и со години не влечат во пропаст. Ни требаат сериозни анализи и одлучни чекори доколку сакаме да ги поправите и така лошите состојби. Со ефтина политичка пропаганда само тонеме!
За крај, да резимираме, состојбите се вакви бидејќи и оваа Влада како и сите претходни од процесот на одлучување ги исклучуваат видните интелектуалци и стручњаци кои со години се борат за квалитет. Нив ги заменуват со горди послушници и сервилни климачи.